Кумулативно, ЕСМ нема да влијае врз покачување на цената на електричната енергија за регулираниот пазар кон домаќинствата и малите потрошувачи. Но, не учествува само таа како компанија со своите цени врз формирањето на цената, туку тука се и Дистрибуција, МЕПСО и другите кои влијаат врз крајната цена на потрошувачите, рече генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски на денешната прес-конференција во РЕК Битола. Тој нагласи дека има 16 проценти зголемување на цената кон ЕВН Хоум, но 23 проценти намалување на онаа за Електродистрибуција.
„Тенденција на владата е да нема зголемување на цената. Можеби ќе има и одредено намалување врз најниските блокови со цел да се олесни животот на оние кои имаат пониски примања и штедат електрична енергија. Ќе има одредено покачување на највисокиот блок онаму каде се троши најмногу енергија и не се штеди, за оние кои имаат услови да плаќаат повисока цена“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека се прават обиди да им се помогне на малите потрошувачи во кои спаѓаат 65.000 мали компании кои се на регулиран пазар и вработуваат над 95 проценти од вработените во државата, а понатаму ќе се бара начин како да се помогне на останатиот бизнис сектор.
За трансформаторот за третиот блок во РЕК, рече дека се соочиле со одредени проблеми во делот на транспортот меѓу Грција и Турција, но се очекува за два до три дена да биде на граничниот премин Меџитлија.
„Денес попладне со бродски транспорт ќе биде истоварен од Истанбул во Солун. Нашите екипи се таму и ќе започне процедурата на истовар и утовар на камионски транспорт кој ќе тргни утре. Се очекува за 2-3 дена да биде на Меџитлија. Претходно пристигнати се дел од опремата и инсталациите. Приклучувањето до пуштањето е 14 дена. Крајот на месецот или почетокот до јануари Блок 3 ќе го имаме во функција. Веќе во јануари ќе има можност сите три блокови да работат одеднаш“, рече Ковачевски.
Во моментот имаат над 280.000 тони јаглен на депонија што значи сигурна работа на трите блока што, според генералниот директор, значи сигрност дека без никакви проблеми ќе ја поминат грејната сезона.
Ж. ЗДРАВКОВСКА