ЕКСПЕРТИТЕ СТРАВУВААТ ОД НОВИ СОЕВИ ОТКАКО КИНА ДОЗВОЛИ СЛОБОДНО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ

    ЕКСПЕРТИТЕ СТРАВУВААТ ОД НОВИ СОЕВИ ОТКАКО КИНА ДОЗВОЛИ СЛОБОДНО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТКина овој месец почна да ја олабавува својата строга нулта ковид политика (Фото: АП)

    Градовите низ Кина инсталираат болнички кревети и градат клиники за скрининг на треска, додека властите пријавија нови смртни случаи од ковид-19 и расте меѓународната загриженост по изненадувачката одлука на Кина да дозволи слободно ширење на вирусот.

    Кина овој месец почна да ја олабавува својата нулта ковид политика, која се базираше на ригорозни карантини и тестирања, што ѝ овозможи да го контролира вирусот во изминатите три години. Во исто време, во земјата со 1,4 милијарди жители не се разви природен имунитет, па последното големо ширење на коронавирусот ги зголеми стравувањата од можната појава на нови мутации.

    „Секој нов бран на епидемијата во една земја го носи ризикот од појавата на нови соеви. Тој ризик е поголем колку што е поголемо ширењето, а моменталниот бран во Кина се движи кон тоа да биде навистина голем. Кина неизбежно мора да помине низ голем бран на ковид-19 ако сака да достигне ендемска состојба“, изјави Алекс Кук, продеканот на Факултетот за јавно здравство на Националниот универзитет на Сингапур.

    Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, изјави дека можното мутирање на вирусот во Кина е закана за целото човештво.

    Шју Венбо од Кинескиот центар за контрола и превенција на болести кажа дека нови мутации би можеле да се појават, но додаде дека нема потреба од загриженост.

    „Способноста на новите соеви да го избегнуваат имунолошкиот систем станува посилна, но мала е можноста тие да станат и посмртоносни. Можноста од појавата на позаразни и попатогени соеви е уште помала“, вели Венбо.

    Пекинг пријави пет смртни случаи од ковид-19 денеска, по два вчера. Од почетокот на пандемијата, во Кина имало 5.242 починати, што е малку во споредба со остатокот на светот. Сепак, откако Кина на 7 декември ги укина ограничувањата, меѓу кои и задолжителното тестирање, експертите проценуваат дека 60% од населението би можело да се зарази во следните месеци, а над два милиона луѓе би можеле да починат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира