ПАДНАА ПЛАНОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ТРИ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, НЕ ГИ ПОДДРЖАА И СОВЕТНИЦИ ОД ЛОКАЛНОТО МНОЗИНСТВО

    ПАДНАА ПЛАНОВИТЕ ЗА РАБОТА НА ТРИ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО БИТОЛА, НЕ ГИ ПОДДРЖАА И СОВЕТНИЦИ ОД ЛОКАЛНОТО МНОЗИНСТВОСоветот не ги изгласа плановите за работа за 2023 на „Комуналец“, „Водовод“ и „Жабени“. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола не ги изгласа финансискиот план за работа, програмата за одржување на јавна чистота и јавни зелени површини на ЈП „Комуналец“ за 2023. Точките на седницата на Советот не беа усвоени откако опозиционата СДСМ и Левица гласаа против, а Поинаку воздржано, иако последниве две се дел од локалното мнозинство заедно со ВМРО-ДПМНЕ.

    Претпријатието беше критикувано дека недоволно ја одржува хигиената во градот, има загуба од 13,5 милиони денари, камионите за подигање смет се стари по 20 до 30 години, а цената на услугата непроменета од 1998 година.

    „Цената на Комуналец не е поскапена 24 години и изнесува 2,9 денари од метар квадратен. Кога би се покачила само за 60 денари од домаќинство ние би можеле да купиме три до четири нови камиони годишно. Една година имавте можност новото раководство да побара од нас поскапување на цената, што е непопуларна мерка, но е нормално и разумно кога се е отидено до небо со цените. Е сега нема итни решенија“, рече Иван Чулакоски од Поинаку.

    И претседателката на Советот Габриела Илиевска од Поинаку рече дека „Комуналец“ една година ја имало нивната безрезервна поддршка, но градот не се исчистил, па време е за работите да се менуваат. Бидејќи пари за нови возила нема, се импровизираше. Чулакоски проектираше и изработи метално корито кое заварено на шасијата на камионот за ѓубре ги собира отпадните течности да не се слеваат низ улици. Но, другиот ден камионот бил однесен на технички преглед и коритото отстрането.

    Од опозиционата СДСМ критикуваа дека градот не е чист и дека има поплаки дури од село Маловишта оти сметот се берел еднаш на два-три месеци. Тие упатија прашања кон Поинаку дали не чувствуваат политичка одговорност за моменталните состојби во „Комуналец“ бидејќи пред една години објавиле заедничка фотографија со раководството на претпријатието.

    Од ВМРО- ДПМНЕ, која ја предводи локалната власт, обвинија дека моменталната состојба е последица на кредитот што го подигнала претходната власт, па сега „Комуналец“ го враќа. Рекоа дека работат ефикасно и посветено во зависност од можностите.

    „Претходното раководство на фирмата зеде кредит во 2018 година од 20 милиони денари со шест години враќање, парите беа потрошени за плати и плаќање на добавувачи, тековни трошоци. Претпријатието нема можност да направи ново позајмување бидејќи целиот имот е ставен под хипотека. Ни треба некое решение во која форма да му се помогне на ‘Комуналец’“, рече Ѓорѓи Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Советот не ги изгласа ни плановите за работа на ЈП „Водовод“ и „Жабени“ за 2023 година.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира