МКЦ ГО СЛАВИ 50. РОДЕНДЕН СО ЦЕЛОДНЕВНА ПРОГРАМА ШТО ЌЕ ИСПОЛНИ СЕКОЕ НЕГОВО ЌОШЕ

    МКЦ ГО СЛАВИ 50. РОДЕНДЕН СО ЦЕЛОДНЕВНА ПРОГРАМА ШТО ЌЕ ИСПОЛНИ СЕКОЕ НЕГОВО ЌОШЕМКЦ е основан на 28 декември 1972 од Собранието на Град Скопје

    Со целодневна програма која ќе опфати музички, филмски, театарски, литературни, ликовни, креативни и едукативни содржини, Младински културен центар во Скопје денеска го слави својот 50. роденден, период за кој стана еден од најважните столбови на културно-уметничкиот живот во главниот град и целата земја.

    Како што велат од МКЦ, програмата ќе исполни буквално секое ќоше на оваа установа, а сè почнува на пладне, со отворени предавања за најмладите во Планетариумот. За деца ќе има и работилници за танц, новогодишна работилница, „Арт и крафт” работилница со уметниците Драган Драш Китановски и Марјан Димиќ, настап на инклузивниот хор „Ветерница“ и здружението „Трисомија 21“ и претставата „ЏИНче” на театарот Сенки и Облаци.

    Од 15 часот, па до раните утрински часови, во кино Фросина ќе има филмски проекции од фестивалите кои традиционално се одржуваат во МКЦ: Џифони, ЕХО Фестивалот на планински филм, Скопски филмски фестивал, МакеДокс, Киненова, Филозофски филмски фестивал и Флипбук фестивалот на анимиран филм.

    Уметникот Мирослав Масин ќе го претстави перформансот „Птици“, специјално изработен за јубилејот, а од 20 часот ќе настапат двата ансамбла на МКЦ, Градски дувачки оркестар и Женски младински хор, кој исто така одбележува половина век постоење.

    Од 21 часот почнуваат концертите во Денсинг салата, каде што ќе настапат „Бадмингтонс“, „Санаториум“, „Чиста околина“, Дина Јашари, „Суперхикс“ и „21 век“, а потоа и Гоце САФ и Чваре, додека истовремено во Клуб МКЦ и горно фоаје музика ќе пуштаат диџеи.

    Во Џебно кино ќе се одржуваат проекции на театарски претстави, а ќе се собере и некогашниот филмски клуб „Ед Вуд“, при што ќе се прикаже филмот „Губитник без причина“ на Гоце Цветановски.

    „Навистина беше тешко да се создаде програма во која треба да биде собрана толкава историја на настани, случувања, иницијативи, програми и активности кои се случиле во овие ѕидови во 50 години постоење. Решивме да се фокусираме на дејностите на МКЦ и на фестивалите во наша организација и за нив да најдеме најсоодветна форма како да ги претставиме“, велат од МКЦ, кој е основан на 28 декември 1972 од Собранието на Град Скопје.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира