ВО ХЕРСОН НЕОДАМНА СЕ СЛАВЕШЕ ОСЛОБОДУВАЊЕТО, А СЕГА ЦИВИЛИТЕ БЕГААТ ПОРАДИ ЗАСИЛЕНИТЕ РУСКИ ГРАНАТИРАЊА

    ВО ХЕРСОН НЕОДАМНА СЕ СЛАВЕШЕ ОСЛОБОДУВАЊЕТО, А СЕГА ЦИВИЛИТЕ БЕГААТ ПОРАДИ ЗАСИЛЕНИТЕ РУСКИ ГРАНАТИРАЊАСтотици луѓе си заминуваат од градот и со сопствените возила

    Цивилите бегаат од неодамна ослободениот украински град Херсон откако руските сили ги засилија артилериските напади во изминатите денови. Украинската војска вели дека Русите вршат постојан притисок и долж целата линија на источниот фронт, каде што најтешките борби се водат околу градовите Бахмут, Сватове и Кремина.

    Руските сили го напуштија Херсон минатиот месец, но радоста на локалните жители набргу беше заменета со стравот од безмилосното гранатирање од источниот брег на реката Днепар, поради што многумина веќе си заминале од градот.

    „Русите го гранатираа и породилиштето во болницата во Херсон, но никој не е повреден“, изјави заменик-шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Тимошенко.

    Најмалку десет цивили загинаа, а 58 беа повредени во руското гранатирање на Херсон во саботата.

    „Русите порано го гранатираа градот седум до десет пати на ден, а сега 70-80 пати, цел ден. Многу е страшно. Ги сакам Украина и мојот град, но мора да си одиме“, изјави Елена Селиванова.

    Елена и нејзините три ќерки се меѓу 400 жители на Херсон кои го напуштија градот од Божиќ поради интензивирањето на руското бомбардирање. Тие заминаа со воз, во евакуација организирана од украинската влада. Стотици луѓе бегаат и со сопствените возила, создавајќи редица на контролната точка за излез од градот.

    „Не можеме повеќе да издржиме. Гранатирањето е сè позасилено. Цело време бевме во градот и мислевме дека ќе помине, но неодамна беше погодена соседната куќа“, изјави Ирина Антоненко, која планираше да оди во Криви Рих.

    Украинските сили влегоа во Херсон на 11 ноември и блиску до местото каде што тој ден се славеше, во саботата загинаа 11 цивили. Тој ден на градот паднала 41 минофрлачка граната. Русите гранатираат од левиот (источен) брег на Днепар, кој стана линија на фронтот во јужна Украина. Нејасно е дали украинската војска се обидува да ја поврати контролата врз областите на другиот брег на Днепар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира