Срцето на македонскиот идентитет – дијалектите, во дигитална форма стигнаа во 14 водоотпорни и огноотпорни куфери од Архивскиот дата центар „Инбокс“ (Inbox) до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, зачувани се и на безбедно место во наредните 500 години години. Благодарение на проектот за дигитализација на картотеките на Институтот, документите веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари. Вработените и научниците нема да имаат потреба рачно да ги листаат картотеките, туку ќе си ги симнуваат од компјутерски фолдери.
Дваесетина вработени од фирмата, која постои од 2011 како иновативен модел за архивирање и управување со физички и електронски документи, точно една година внимателно и со високо ниво на безбедност работеа на скенирање и архивирање на ракописите каде е содржан целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик собиран со децении на терен.
Станува збор за проект на Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој го изработи „Инбокс“. Проектот почна лани, кога го најави тогашната министерка за култура Ирена Стефоска, и по точно една година од преземањето на првите документи на 30 декември 2021, вратени се во дигитална форма на 29 декември 2022.
Дигитализирани се 12 збирки, од кои излегле околу 4,5 милиони страни. Збирките се дигитализирани на микрофилмови, сместени во куфери, кои штитат од вода, прашина и од пожар, и кои ќе овозможат заштита без разлика на просторот каде се чуваат.
САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со Јорданчо Митровски, финансиски директор и управител во „Инбокс“, кој детално ни го објасни процесот на дигитализација.
Предизвикот, вели, беше да се смисли начин како материјалот од хартиена форма да се направи во друга форма. Според Законот за културно наследство, тоа е ревалоризација од втор степен, односно промена на одреден вид на материјал во друг формат. Како тим кој имаат доста искуство во дигитализација на материјали, во проектот предложиле една копија хартиена да се дигитализира во две различни копии. Едната копија е конвенционален материјал на микрофилм, другата копија се дигитални оригинали што може да се користат согласно најновата законска регулатива.
„Тоа го направивме бидејќи микрофилмот како стандард постои повеќе од 50 години, тој трае и до 500 години. За читање на микрофилмот потребно е само лупа и е тежок за уништување. Тој вид на материјал го создадовме за да има копија во секое време. Од друга страна пак, тој не е оперативен, не може да се користи во секојдневна употреба, единствено што може да се запали или да се изгребе. Затоа и предложивме, согласно најновите технологии што се достапни на пазарот, да се направат дигитални оригинали. Дигитализацијата како процес постои подолго време, но со промена на регулативата, т. е. Законот за електронски документи и електронска иднетификација и доверливи услуги, нам како субјект имател на квалификувана и доверлива услуга за електронско складирње на документи ни е дозволено да конвертираме материјали во различни формати и тоа да биде признато како верно на оригиналот“, ни рече Митровски.
Има законска постапка за тоа како се водат процедурите, од преземањето на документацијата до изработката на документација и целиот процес завршува со вклучување на елементи на самите документи, т. е. печат и временски жиг. Начинот на кој е направен проектот овозможува утре дигиталните примероци да се копираат неограничено, да се чуваат на софтвери и да биде докажано дека тие настанале тука во овој процес.
Секоја злоупотреба или обид да се смени нешто, го крши самиот печат и временски жиг и автоматски се губи елементот на важност.
„Тоа е во принцип целата замисла, во три различни формати да ја чуваме документацијата која би била на три различни локации во најмалку два формата, изворно и еден оригинал. Еднаш сработена оваа документација, зборуваме за дигиталните примероци, овозможува лесен трансфер во други дигитални примероци, со напредокот на технологијата. Начинот на кој е сработен проектот ќе му озвоможи на Институтот да го користат и без софтвер, евентуално сопствен софтвер или некој друг софтвер. Истото може да биде предадено на други институции и горди сме што во самиот проект успеавме да ги обработиме сите картотеки кои беа запишани“, додава Митровски.
Има рачни ракописи стари и над 500 години, и морало многу да се внимава при скенирањето за да не се оштети некие ливче. Горди се што тоа не се случи, се работело со најспоро темпо со најголем сензитивитет. Што и да се забележи, застанува самата машина за да не дојде до оштетување за да може да се провери и рачно да се изманипулира самата документација. Делот со скенирање завршил во септември, паралелно течеле други процеси, како процесот на валидација што е помакотрпен дел од самото скенирање.
„Нашиот тим требаше едно по едно да ги провери сите ливчиња за да не дојде до испуштање, отстапување, лош квалитет на слики, што се имаше случено па ги преправивме, детекција на испуштена слика. После следеа уште неколку постапки, се контролираше густината на микрожигот. Ги изработувавме со визија дека утре некој ќе сака да направи копија од нив, а за да направи копија, треба да се направи со оптимална густина, дури набавивме и апарат дензитометар за мерење на густината на микрофилмови.
Направено е со највисоки стандарди, со највисок квалитет, во отсуство на детална наша законска регулатива за микрофилмови која е штура, користевме реугалтивата од бивша Југославија, т. е. од Словенија“, рече Митровски.
Лани кога го најави проектот, Стефоска кажа дека станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство.
„Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури“, кажа Стефоска.
Б. НЕСТОРОСКА