Грета Тунберг му нанесе уште еден удар на Ендрју Тејт на Твитер, шегувајќи се на негова сметка по неговото апсење во Романија. По веста за апсењето на контроверзниот инфлуенсер во четвртокот, климатската активистка твитна: „Тоа се случува кога не ги рециклираш кутиите за пица“.
Твитот на Тунберг се однесува на видеото што го објави Тејт како одговор на нејзин претходен твит и во кое тој пуши пура и вели на непознато лице: „Те молам донеси ми пица и погрижи се кутиите да не бидат рециклирани“.
Тој потоа доби пици од романската пицерија „Пиците на Џери“.
Набрзо по објавување на видеото, Тејт беше уапсен од романската полиција, која го сомничи дека е дел од организирана криминална група за трговија на луѓе. На социјалните мрежи има теорија дека романската полиција утврдила дека тој е во земјата токму поради кутиите со пица.
Романски суд вчера му изрече мерка притвор од 30 дена на Тејт, кој е поранешен кикбоксер и има британско и американско државјанство. Покрај него, уапсени се брат му Тристан и уште двајца романски државјани.
„Четворицата осомничени изгледа дека креирале организирана криминална група со цел регрутирање и експлоатирање на жени, принудувајќи ги да создаваат порнографски содржини за продажба на специјализирани веб сајтови за одредена сума“, соопшти романското обвинителство по апсењето.
Препукувањето на Твитер меѓу Тунберг и Тејт почна кога Тејт објави фотографија како полни гориво во Бугати и се фали дека има 33 коли.