Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски деновиве ќе соопшти за нова странска инвестиција во зоните, а 2022 година ја оцени за успешна по повеќе параметри.
„Обемот на постигнат договори достигна бројка до 430 милиони евра, што е секако рекордно досега, двојно повеќе во однос на минатата година. Веќе сме многу блиску до целта што ја зацртавме, до 2024 година да стасаме до инвестиции што треба да достигнат милијарда евра. Сите нови инвестиции, што дел се веќе во фаза на реализација, предвидуваат повеќе од 4.300 работни места. Можам слободно да кажам дека имаме зголемување на бројот на работни места од почетокот на оваа година за некаде повеќе од 20 проценти. Имаме нова инвестиција во ТИРЗ, деновиве ќе ги соопштиме деталите“, вели Деспотовски.
Податоците за увозот и извозот на компаниите во ТИРЗ ќе бидат објавени на почетокот на годинава.
„Онаа бројка од три милијарди евра извоз што ја имавме минатата година, со податоците заклучно од ноември, веќе е зголемена за 20 проценти. Работата на самите компании, но и на институциите задолжени да го координираат процесот на привлекување на инвестиции, можам да го оценам како повеќе од успешен“, кажа директорот.
На прашање што стана со заинтересираните компании во Украина да го префрлат во Македонија својот бинис поради жестоката војна таму, тој одговори дека новокреираните работни места во изминатава година делумно се должат на тоа што неколку фирми префрлиле кај нас дел од бизнисите од Украина.
„Со една од тие фирми потпишавме и договор за реализација на целосно нова фаза на инвестиција и таму има забележителен раст на бројот на работни места. Можеби не сме многу среќни за тоа што се случува во Украина и оти дел од бизнисот се префрла во земјава, но правиме сè и на нашите компании корисници да им излеземе во пресрет да можат да се снајдат“, вели Јован Деспотовски.
С. К. ДЕЛЕВСКА