Шеесетина искусни планинари и други вљубеници во планината по 12. пат првото изгрејсонце во Новата година го дочекаа на врвот Пелистер, на надморска височина од 2.601 метар. Искачувањето започна токму на полноќ на први јануари, а на врвот стигнаа околу 5,30 часот утрото, токму за време на будењето на новиот ден.
Годинава прославата беше збогатена и со огномет. За пет и пол часа искачија патека со вкупна должина од 14 километри, висинската разлика е 1.251 метар, а просечен наклон од 8.93 проценти. Се движеа од Инфоцентар на Пелистер на 1.350 метри надморска височина, а потоа преку Цапарска Пресека, Широка, до крајната цел – врвот Пелистер.
Турата која го носи симболичното име „Први на први“ е во организација на „Олимпус Монс“ на Пелистер, а втора година со ред е и дел од програмата на Општина Битола „Зимска приказна“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА