ИКОНОПИСЕЦОТ КРСТЕ ЗОГРАФ Е НЕОПРАВДАНО ЗАПОСТАВЕН ВО ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ, ВЕЛИ ИСТОРИЧАРКАТА НИКОЛОВА ОД ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ

    ИКОНОПИСЕЦОТ КРСТЕ ЗОГРАФ Е НЕОПРАВДАНО ЗАПОСТАВЕН ВО ПОШИРОКАТА ЈАВНОСТ, ВЕЛИ ИСТОРИЧАРКАТА НИКОЛОВА ОД ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈДела на Крсте Зограф се наоѓаат во дваесетина цркви. Тој работел, цртал икони во Велес и Велешко, но и во Повардарието. - Воскресение Лазарово/Исус Христос. (Фото: СДК.МК)

    Екипи од Народниот музеј во Велес повеќе месеци минатата година за првпат го истражуваа делото на  Крсте Зограф од Велес. Истражувањето е реализирано претежно во селски цркви. Ова беше проект од национален интерес. Крсте Зограф творел на почетокот од 19. век, од 20 до 40 години.

    „Дела на Крсте Зограф се наоѓаат во дваесетина цркви. Тој работел, цртал икони во Велес и Велешко, но и во Повардарието. Тој е неоправдано запоставен пред пошироката јавност. Со истражувањето беа опфатени претежно црквите во селата. Иконите се наоѓаат во стари, незаштитени, необезбедени цркви. Поради тоа дел од нив се оштетени“, вели Елица Николова, историчарка на уметност и раководителка на проектот.

    Со проектот „Истражување и документација на икони од зографот Крсте Зограф од Велес“ е создадена евиденција каде се поставени и во каква состојба се.

    Крсте Зограф е познат како татко на Хаџи Косте зограф, авторот на фреските од манастирската црква „Св. Димитрија“ во Велес кој се смета дека е првиот фотограф во Македонија. (Фото: СДК.МК)

    „Крсте Зограф цртал по порачки. Тој е познат во стручната јавност, но многу малку во пошироката. Атрибуиравме некаде околу 80 икони од него. Планираме за дел од нив, кои се оштетени да ги предложиме за конзервација. Годинава сакаме да доистражиме уште неколку цркви, каде се смета дека има дела од него, а тие се во Штипско и Прилепско. Засега нема откриено дека Крсте Зограф работел фрески, но не се исклучува можноста дека и ги цртал“, додава Николова.

    Оставината од иконописецот, како и со работата од истражувањето, Николова планира да ја запознае јавноста, преку фотографии и дел од иконите, преку изложба, каде за првпат тие ќе бидат достапни до јавноста. Крсте Зограф е познат како татко на Хаџи Косте зограф, авторот на фреските од манастирската црква „Св. Димитрија“ во Велес кој се смета дека е првиот фотограф во Македонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира