Во хуманитарен натпревар во салата „Борис Трајковски“, актуелната ракометна репрезентација вечерва ја победи со 25:21 (12:12) екипата составена од ветерани кои му донесоа многу успеси на македонскиот ракомет, предводени од Кире Лазаров.
На трибините имаше 6.000 гледачи, кои имаа можност да се простат од најуспешната генерација. Натпреварот со две полувремиња по 20 минути донесе атрактивен ракомет и мајстории, а за МВП на мечот беше прогласен Ванчо Димовски кој го даде најубавиот гол.
Собраните средства ќе бидат донирани во СОС Детско село.
Ракометниот спектакл го збогатија голем број естрадни ѕвезди како Александар Митевски, Драган Спасов – Дац, Кики, како и групите Некст Тајм и Меморија.