Јапонија им нуди пари на семејствата да се иселат од пренаселеното Токио во обид да ги обнови руралните области и да го поттикне наталитетот. Почнувајќи од април, семејствата од пошироката област на Токио ќе можат да добијат еден милион јени (7.700 долари) по дете ако се одлучат да се преселат во помалку населените делови на земјата.
Субвенциите се однесуваат на децата до 18 години, како и на децата над 18 години ако сè уште одат во средно училиште.
Ова не е првпат владата да нуди парични субвенции за да ги охрабри луѓето да се иселат, но сегашниот план вклучува трипати поголема сума.
Со децении, Јапонците мигрирале во урбаните центри барајќи повеќе можности за работа, па Токио денес има 37 милиони жители. Пред ковид пандемијата, бројот на луѓето кои се доселувале во Токио го надминувал бројот на иселениците за 80.000 годишно. Поради ваквиот шаблон на миграција и стареењето на населението, руралните градови останале со малку жители, а милиони домови се празни. Повеќе од половина од јапонските општини се означуваат како недоволно населени.