Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје вчера достави барање до претседателот на Советот Трајко Славески да закаже вонредна седница поради проблемот со аерозагадувањето. Советниците покрај барањето доставија и предлог-мерки за решавање на проблемот со загадувањето и тоа воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна пренамена на пари во буџетот за зголемување на средствата за борба против загадувањето, финансиска помош за училиштата за замена на котлите со кои се греат, подготвување акциски план за чистење на сите депонии, чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни и интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
Покрај 12 советници на СДСМ, иницијативата за вонредна седница ја потпишаа и советниците од ДОМ и ЛДП. Но, како што вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, тоа не е доволно односно потребни се 15 потписи или една третина од советниците.
„Не може уште да закажам вонредна седница бидејќи не се исполнува условот од 15 потписи. Ако во текот на денот и други советници ја поддржат иницијативата ќе закажам датум за нејзино одржување. Истовремено, барањата на СДСМ ги доставив и до градоначалничката Данела Арсовска која рече дека во текот на денешниот ден ќе се изјасни по нив, но одговор уште немам“, рече Славески.
Координаторката на СДСМ Љубица Јанчева вели дека до сите советнички групи во Советот го испратила барањето за вонредна седница за да се соберат доволно потписи за да се расправа за проблемот со загадувањето и не знае зошто барањето не е поддржано од други советници.
Во Советот на Град Скопје ВМРО-ДПМНЕ има 16 советници, СДСМ 12, Левица 4, ДУИ 5, Зелен хуман град 2, по еден советник имаат ГРОМ, ЛДП, ДОМ, Алтернатива и Алијанса за Албанците и еден советничка е независна.
Од ВМРО-ДПМНЕ пред 4 дена кажаа дека нема потреба да се закажува вонредна седница, бидејќи СДСМ биле во тајна коалиција со градоначалничката Арсовска и наместо да договараат тендери да воведат мерки против загадувањето.
Од Зелен хуман град велат дека не се согласуваат со дел од предлог-точките за дневен ред на СДСМ, а тие предлагаат мерки што вистински може да го намалат загадувањето. Нивните мерки биле предложи како амандмани на расправата за буџетот, но не биле прифатени.