Сите домашни летови низ САД се запрени до 15 часот по македонско време поради технички проблем во националниот систем за контрола на воздушниот сообраќај.
Федералната агенција за авијација (ФАА) соопшти дека работи на обновувањето на системот кој ги предупредува пилотите на можни опасности за време на летот, откако дошло до негово исклучување во целата земја.
„Некои функции почнаа да работат онлајн, но операциите на Националниот систем за воздушен простор се ограничени“, објави ФАА.
„Американ ерлајнс“ кажа дека исклучувањето ги погоди сите летови на сите авиопревозници. Од „Јунајтед ерлајнс“ соопштија дека ги одложуваат сите домашни летови до следното известување од ФАА.
Сајтот „Флајтавер“ објави дека се одложени повеќе од 1.200 летови од и кон САД, а над 100 биле откажани.