Државниот инспекторат за животна средина денеска издаде решение со кое се наложува на цементарницата „Титан УСЈЕ“ во рок од 5 дена да почне да се грее на гас, а не на мазут. Министерството за животна средина на 3 и 4 јануари извршило мерање на емисија на гасови и прашина од оџаците на печките за клинкер, емисија на гасови од оџакот на котларата за парно греење и амбиентниот воздух во кругот на цементарницата. Било констатирано дека котланата за загревање на деловните простории наместо на гас работи на мазут и има надминувања на дозволени параметри.
„Во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 мегавати во котларата за загревање на фабриката да користи природен гас како гориво, согласно добиената А-Интегрирана еколошка дозвола и да се изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитрана метода. Да се изврши мерење на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел кој ќе биде во функција. Да се направи мониторинг на сите емисиони точки од производните процеси со акредитирана лабораторија за животна средина во присуство на Државен инспектор за животна средина“, стои во решението од Инспекторатот за животна средина.
Доколку „УСЈЕ“ не постапи според решението односно продолжи да се грее на мазут, Државниот инспекторат за животна средина ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот орган или суд, односно кривична постапка пред надлежен орган или суд, како и ќе отпочне постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања.
- АРСОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ЦЕМЕНТАРНИЦА „УСЈЕ“ ГО ЗАГАДУВА СКОПЈЕ И ПРЕЗЕЛА ИНИЦИЈАТИВА ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА
- АРСОВСКА МАНИПУЛИРА, ВОЗДУХОТ ВО УСЈЕ Е ПОЧИСТ ОД ДРУГИ ДЕЛОВИ НА СКОПЈЕ, ВЕЛИ ЦЕМЕНТАРНИЦАТА
Ваквите изјави на Арсовска ги негираа од „УСЈЕ“ велејќи дека Арсовска манипулира и дека на 26 и 27 декември лани вакви мерења воопшто не се направени во кругот на фабриката, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со фабриката. Од „УСЈЕ“ признаа дека се греат на мазут и дека при контролата на Министерството за животна средина биле констатирани надминувања на дозволените граници, но велат нема загадување од производствениот процес, што го покажува и решението од Инспекторатот.
Од „УСЈЕ“ велат дека компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на Инспекторатот и ќе направи замена на мазутот со природен гас.
А. АНТЕВСКА