ШЕСТ ДРЖАВИ ОД РЕГИОНОТ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЗА ЕДНО НЕБО И ЕДНА ВОЗДУХОПЛОВНА ВЛАСТ

    ШЕСТ ДРЖАВИ ОД РЕГИОНОТ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЗА ЕДНО НЕБО И ЕДНА ВОЗДУХОПЛОВНА ВЛАСТНа потпишување на меморандумот во Белград, покрај директорите на агенциите за цивилно воздухопловство од државите во регионот, присуствуваа и претседателот на Европската конференција за цивилно воздухопловство, и српскиот министер за транспорт. (Фото: АЦВ)

    Македонските, српските, црногорските, босанските, албанските и турските цивилни воздухопловни власти вчера во Белград потпишаа Меморандум за соработка со цел продлабочување на меѓусебната соработка меѓу воздухопловните регулаторни тела во регионот, олеснување во примената на меѓународната воздухопловна регулатива за сите субјекти во авиоиндустријата во државите во регионот и заеднички настап пред меѓународните воздухопловни организации и здруженија, соопшти Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

    Овој меморандум практично би требало да значи: 6 различни држави – едно единствено небо и една воздухопловна власт, и сето тоа под покровителство на ЕСАС – Европската Конференција за цивилно воздухопловство, велат од АЦВ.

    Меморандумот се однесува на следните конкретни активности: меѓусебно признавање и препознавање на пилотските дозволи, дозволите на авиомеханичарите, техничкиот персонал, контролорите на летање и лекарските уверенија за воздухопловниот персонал; спроведување на заеднички инспекции, стручни обуки и практични вежби за воздухопловните инспектори; формирање на регионално здружение на воздухопловни експерти; организирање на регионални тематски стручни форуми и семинари во соработка со субјектите од авиоиндустријата; размена на искуства и позитивни практики од областа на оперирањето на воздухопловите без екипаж, и сл.

    „Се работи за проект од исклучително значење и важност за сите субјекти од авиоиндустријата, особено во Македонија, и отвора многу можности за преземање на конкретни активности и заеднички координиран и унифициран настап пред релевантните меѓународни воздухопловни организации и здруженија“, вели Томислав Тунтев, директор на АЦВ.

    Сите заеднички проекти и активности ќе бидат во целосна согласност со меѓународните стандарди и препораки од областа на цивилното воздухопловство, односно со воздухопловната регулатива на ЕУ. На тој начин се создаваат реални услови и можности за побрз, поинтензивен и поефикасен развој на цивилното воздухопловство во Југоисточна Европа, како составен и нераскинлив дел од Единственото Европско Небо (Single European Sky – SES).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира