„Нетфликс“ објави дека вработува стјуардеса за еден од своите приватни авиони со годишна плата од најмногу 385.000 долари. Стриминг гигантот кажа дека бара кандидати кои се одликуваат со независно расудување, дискреција, извонредни услужни вештини и со голема лична мотивација.
Ова следува откако „Нетфликс“ лани отпушти стотици вработени поради падот на бројот на претплатници.
Работното место, чие седиште е во Сан Хозе, Калифорнија, предвидува патувања во и надвор од САД со „авион со суперсредна големина“. Од кандидатите се бара и да можат да кренат товар до 13,6 килограми.
„Воздухопловниот оддел на ‘Нетфликс‘ обезбедува исклучителен, безбеден и доверлив воздушен превоз“, стои во огласот на компанијата.
Според официјалните податоци, просечната годишна плата на стјуардесите во САД е нешто над 62.000 долари.