НОСЕТЕ МАСКИ НА ЗАТВОРЕНО, ОСТАНЕТЕ ДОМА АКО ИМАТЕ ТЕМПЕРАТУРА, АПЕЛИРА Д-Р ДАНИЛОВСКИ

    НОСЕТЕ МАСКИ НА ЗАТВОРЕНО, ОСТАНЕТЕ ДОМА АКО ИМАТЕ ТЕМПЕРАТУРА, АПЕЛИРА Д-Р ДАНИЛОВСКИД-р Даниловски апелира до граѓаните да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор, особено во автобуси. (Фото: К. Попов)

    Подваријантата на сојот на ковид-19 омикрон, наречена кракен има симптоми како кај грип или настинка, но само стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница. Исто како кај досегашните соеви на омикрон, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој лани замина во пензија како раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика.

    Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) од 23 јануари стои дека минатата недела Одделението за вирусологија при ИЈЗ изведе успешно секвенционирање на 32 примероци позитивни на ковид-19, од декември 2022 година и јануари 2023 година. Кај 8 примероци била детектирана БА.2 сублинијата на омикрон сојот, а кај еден примерок беше детектирана ХВВ.1.5 омикрон сублинијата позната како кракен. Пациентот кај кој е детектирана новата сублинија е од Гевгелија, а примерокот е земен на 11 јанураи.

    Светската здравствена организација (СЗО) смета дека ХВВ.1.5 или кракен е досега најпренослива верзија на сојот омикрон и најави дека земјите треба да размислат да препорачаат носење маски за ризични ситуации. Се смета дека брзо станува доминантен во делови од САД, а некои експерти се загрижени дека можеби ќе може да го пробие имунитетот од минати инфекции, а можеби и од вакцини.

    „Кракен е позаразен, не предизвикува потешки симптоми. Короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане, но наспроти тоа, со пандемијата е завршено. Короната ќе остане во истото ‘друштво’ со причинителите на настинките и грипот. Инаку, уште одамна (кога беше актуелен сојот делта) објаснував дека еволуцијата на короната неизбежно ќе се движи во насока на јавување на соеви, кои се позаразни од претходните, но кои истовремено ќе предизвикуваат поблаги симптоми. Сведоци сме дека тоа се остварува“, вели д-р Даниловски.

    Епидемиологот апелирa до граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот и единствено останува препораката, тие што ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т. н. респираторен бонтон.

    „Тоа подразбира да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да си останат дома. Исто така, мудро би било, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да одлучат да се вакцинираат и против корона и против грип. Зашто, во ек е сезоната и на грипот“, додава професорот.

    Според ИЈЗ, од 16 д0 22 јануари, регистриран е 131 нов позитивен случај од 17 градови во државата, за 35,5% помалку во однос на минатата недела (203). Процентот на позитивност се движи од 4,3% до 7,9%, просечно 5,9%.

    Заклучно со 22јануари пријавени се вкупно 346.428 случаи на ковид-19.  Заклучно со 15 јануари регистрирана се вкупно 21.482 реинфекции. Регистрирани се 9.638 смртни случаи.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 37 лица (15,6% повеќе во споредба со претходната недела), од нив 14 се на кислородна поддршка (идентично во
    споредба со претходната недела) и нема пациенти на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира