Во седум подрачни основни училишта во Општина Јегуновце инсталирани се 18 инвертери, обезбедени со донација од УНДП и со сопствени средства. Со почетокот на второто полугодие, овие училишта кои досега се загреваа на дрва отсега ќе користат еколошки почист начин на греење.
„Со инсталирање на инвертер клима уредите променет е досегашниот начин на затоплување, кој беше на огревно дрво. Придобивките се очекува да бидат големи. Ќе се создадат одлични услови за одвивање на наставата во зимските денови и се очекува да се намалат трошоците за загревање. За набавката на инвертерите УНДП донираше 9.200 долари, а од општинскиот буџет издвоивме 106.000 денари“, изјави градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски.
Но, тука нема да застанат, бидејќи сакаат да ги исфрлат печките на дрва од сите училишта во општината. За таа цел, во тек се активности за монтирање топлински пумпи во неколку училишта.
„Во селата Туденце и Жилче завршивме со монтажа на топлинските пумпи, а во наредниот период вакви пумпи ќе инсталираме и во училиштата во Јанчиште, Копанце и Сиричино“, вели Костадиноски.
З. АНДОНОВ