Насилник од Кавадарци доби 30 дена притвор оти насилно влегол во куќа на жена и брутално ги претепал неа и нејзината 6-годишна ќерка, соопшти Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Обвинителството соопшти дека тој претходно повеќе пати ѝ пишувал пораки преку вибер во кои ѝ се заканувал дека ќе ја повреди и ќе ја убие жената со која порано бил во љубовна врска затоа што му кажала дека веќе не сака контакт со него. Потоа, на 16 јануари од Кавадарци каде што живее, дошол во семејната куќа на жената во селото Мрзенци, ѝ се јавил да му ја отклучи вратата, па откако таа одбила, тој со нога ја скршил вратата и влегол внатре. Веднаш се качил на горниот кат, каде што во спалната соба таа спиела со 6-годишната ќерка, и ја удрил со бокс во лицето. Во тој момент се разбудило и девојчето и почнало да плаче, па жената ја дигнала во рацете. Тој замавнал кон нив и го удрил девојчето во лицето. На жената ѝ го одзел мобилниот телефон и го скршил за да не може да побара помош. Потоа повторно почнал да ја удира со боксови и клоци, да ја дави во вратот, додека за цело време нејзината ќерка плачела вознемирено, молејќи го осомничениот да си оди и да не ја тепа мајка ѝ.
„Навредувајќи ја, тој ја фатил за коса оштетената и со влечење ја симнал во дневната соба. За да го натера да ја пушти мајката, девојчето започнало да фрла кон осомничениот со портокали, по што тој започнал да ја тресе ќерката, ја дигнал и силно ја фрлил на седечката гарнитура. Потоа се качил на горниот кат, каде ги кршел и расфрлил сите предмети. Тој момент го искористила оштетената која целата во крв, боса, ја зела нејзината ќерка и успеала да излезе од куќата, да влезе во возилото и да побегне во домот на нејзините родители. Од насилството оштетената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на нос, како и повеќе посекотини, контузии и хематоми по целото тело, а со телесни повреди – гребнатинки, модрици и хематоми се здобила и нејзината малолетна ќерка. Со дејствијата осомничениот кај двете предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв кое резултирало со бројни психички трауми особено кај 6-годишното девојче“, вели Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека тој ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело. Судијата го прифати предлогот и донесе Решение со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.