Иако веќе неколку години се чека да свирне возот од Битола за Лерин, засега по реновираната пруга ќе сообраќа само воз до Жабени. Врз основа на известувањето добиено од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Општина Битола објави дека во сообраќај ќе биде пуштен патнички воз на пругата Битола-Жабени. Планирано е оваа линија да тргне на 1 февруари 2023.
Поминаа четири години откако се догради пругата и сега првпат ќе има железнички сообраќај по неа, но само до Жабени, село до грчката граница, каде што е сместена и индустриската зона, до која води крак од пругата. Своевремено се планираше производи на фирмите од зоната да се транспортираат преку железницата до Грција. Но, сега само работниците од зоната ќе можат да патуваат со воз.
На прашањето што САКАМДАКАЖАМ.МК пред два месеца го имаше испратено до ЈП за железничка инфраструктура ни одговорија дека за да има воз за Грција, не зависи само од македонската страна.
„Пругата од Битола до граничната станица е оспособена и има дозвола за сообраќање. Што се однесува до возот до Лерин, не зависи само од нас, туку и од грчката железница. Од наша страна е покрената иницијатива и се чека одговор од грчката страна. За поврзување со грчката страна, прво треба да се потпише Меѓудржавна спогодба за регулирање и организирање на железничкиот сообраќај“, одговорија од ЈП за железничка инфраструктура.
Ж. ЗДРАВКОВСКА