Пензионираниот генерал и поранешен висок заповедник во НАТО, Петр Павел, оствари убедлив триумф на претседателските избори во Чешка, што од неговите поддржувачи беше опишано како победа на либералната демократија над олигархискиот популизам.
По 99% пребројани гласови, 61-годишниот Павел има поддршка од 58% гласачи и 700.000 гласови повеќе од милијардерот и некогашен премиер Андреј Бабиш. Поранешниот началник на генералштабот на чешката војска ќе ја презеде функцијата во март од Милош Земан, кој немаше право на уште еден мандат.
Политичкиот аналитичар Јиржи Пехе смета дека победата на Павел претставува голема промена за водството на Чешка.
„Ова не е преценување зашто во изминатите десет години имавме претседател кој беше срамота за Чешка на многу начини. Беше проруски настроен, ги саботираше санкциите против Русија, го заобиколуваше уставот и беше груб и навредлив. Павел е поинаков тип, кој има силни прозападни погледи“, вели Пехе.