Корупцијата суштински го искриви начинот на кој функционираат некои институции во Бугарија и тие што ги контролираат, и тоа е на штета на бугарските граѓани, кажа американската амбасадорка во Софија, Херо Кадер Мустафа. Минатата недела на излагање на конференцијата за владеење на правото и деловно опкружување во Бугарија, таа рече дека уште пред доаѓањето на служба во Софија била предупредена дека корупцијата е голем проблем во земјата и истовремено табу тема, па токму затоа станала врвен приоритет за неа.
На настанот на кој биле присутни и амбасадорите на Италија, Франција и Германија во Софија, како и претставници на бизнис организации од десетина европски земји, американската амбасадорка зборувала како корупцијата во најсиромашната земја-членка на Европската унија ги поткопува деловните односи.
„Слушаме приказни за бизниси кои се цел на моќни поединци. Тие ги користат институциите за малтретирање, заплашување и изнудување на противниците. Слушаме за адвокати со куфери, матни зделки и мито. Слушаме за нетранспарентни набавки, однапред договорени тендери и фаворизирање во владините договори. Тоа го слушаме од прва рака“, кажа Мустафа.
Мустафа вели дека САД силно се ангажираа да ѝ помогнат на Бугарија во борбата против корупцијата, што вклучи и обука на над 1.000 обвинители, истражители, судии и други правни лица во изминатите три години и поддршка на истражувачкото новинарство.
„Ние веруваме дека најголемиот дел од правосудството го сочинуваат добри, чесни луѓе, кои влегоа во јавната служба со искрена желба да помогнат. Истовремено, мало малцинство создаде систем кој ја збогатува олигархиската класа и ги присвојува државните ресурси. Често слушаме како се прават храбри напори да се истражи и гони корупцијата, но тие истраги се затвораат или одложуваат на неодредено време“, кажа Мустафа.
Таа потсети дека за време на нејзиниот мандат, САД воведоа санкции за тројца бугарски државјани поради корупција, а на уште шестмина им беа ограничени визите. Сепак, тоа немало ефект врз нивниот статус во Бугарија.
„Ниеден од нив не одговарал за корупција. Ниеден од нив не е осуден за кривично дело во Бугарија. Повеќето не се ни разрешени од нивните позиции“, кажа Мустафа.