Бившиот британски премиер Борис Џонсон откри дека Владимир Путин му се заканил со ракетен напад кога телефонски разговарале пред почетокот на војната во Украина.
„Путин ми кажа дека за тоа би била потребна само една минута. Ми го кажа ова откако го предупредив дека војната би била крајна катастрофа“, вели Џонсон во документарецот на Би-Би-Си „Путин против западот“.
За време на „многу долгиот“ телефонски разговор во февруари 2022, Џонсон му рекол на Путин дека инвазија на Украина ќе резултира со санкции за Русија и уште повеќе НАТО трупи на нејзините граници. Во обид да го одврати Путин од воена акција, Џонсон го убедувал дека Украина нема да се придружи на НАТО во догледна иднина.
„Во еден момент, тој ми се закани: ‘Борис, не сакам да те повредам, но за проектил би била потребна само една минута‘. Имајќи го предвид опуштениот тон со кој збореше, мислам дека само се поигруваше со моите обиди да го натерам да преговара“, откри Џонсон.
Девет дена подоцна, на 11 февруари, британскиот министер за одбрана Бен Волас отпатува за Москва за да се сретне со својот руски колега Сергеј Шојгу. Документарецот открива дека Волас таму добил уверувања дека Русија нема да ја нападне Украина, но тој вели дека знаел дека тоа е лага.
„На одење, началникот на руската војска Герасимов ми кажа дека Русија веќе никогаш нема да биде понижувана“, вели Волас.