Бугарскиот парламент утринава со големо мнозинство ја усвои декларацијата за „осуда на појавите и повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови и особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“. „За“ декларацијата гласаа 185 пратеници, а еден беше „воздржан“.
Декларацијата беше составена врз основа на предлозите на пратеници од ГЕРБ-СДС, Продолжуваме со промената, Демократска Бугарија и Преродба.
Понатаму во декларацијата се бара спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од член 12 од 2019 и 2022 година.
Во декларацијата се вели и дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.
Во октомври 2019 година, бугарскиот парламент усвои декларација со која на Македонија ѝ се одобрува да ги почне пристапните преговори со Европската Унија, но под услов да не се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“.