До средината на месецов, Струга ќе добие спомен-обележје од Република Косово кое ќе биде поставено на кејот на реката Црн Дрим. Мнозинството во струшкиот Совет на 15-тата седница донесе одлука за поставување на споменикот на кој ќе стои натпис испишан на македонски, албански и англиски јазик со благодарност до стружани за нивната хуманост и гостопримливост за време на косовскиот воен конфликт во 1999. Спомен-обележјето високо 3,5 метри ќе биде подарок од Генералниот конзулат на Република Косово во Македонија.
„На оваа комеморативна плоча е врежано гостопримството и благодарноста за жителите на Струга. Во историјата на човештвото се познати судбините на народите протерани од своите огништа, но позната е и нештедливата почит и солидарност на браќата и пријателите. Во 1999 година, за време на војната, граѓаните од Косово во најтешки денови од својот живот се засолнија во струшките семејства, ќе ги чуваат од колено на колено своите незаборавни доживувања и спомени. Вечна благодарност до Струга и стружани“, се вели на плочата.
Претседателката на Советот на Општина Струга Арбереша Влаши вели дека спомен-обележјето претставува додадена вредност во знак на благодарност за хуманоста, а одлуката е донесена врз комплетна документација.
„Едно вакво спомен-обележје е една додадена вредност со која на граѓаните на Општина Струга им се признава нивната хуманост кога таа е најпотребна. Исто така, со оваа плоча се истакнува гостопримливоста на стружани“, вели Влаши.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ, пак, обвинија дека ваквата одлука е донесена надвор од правна рамка, без минимум техничка документација и дека без гласот на советниците од СДСМ воопшто не можеше да почне таа постапка.
С. ВРЕНЦОВСКА