Битолската полиција поднесе кривична пријава против осум лица поради напад на полицајци при вршење на работи од безбедноста, а петмина од нив добија мерка притвор.
Имено, вчера, на 10.02.2023 во осум часот во населба Баир, на ул.„Караорман“ во Битола, пријавените почнале агресивно да се однесуваат кон полициски службеници кои преземале службени дејствија.
Во полицискиот извештај пишува дека лицата сакале да ги прегазат полицајците со патничкото возило „рено“ во кое се превезувале, а фрлиле и со тврд предмет кон нив, при што повредиле еден полициски службеник. Малку подоцна тие и физички ги нападнале полициските службеници кои вршеле службени дејства.
Поднесена е кривична пријава против Д.М.(20), Д.М.(21), Д.Ќ.(22), Н.Б.(26), С.М.(45), М.М.(39) и двајца малолетници, сите од Битола, поради постоење на основано сомнение за извршено кривично дело „напад на службено лице при вршење на работи од безбедноста“ казниво по чл.383 ст.1 од Кривичниот законик.
Од страна на судија на претходна постапка, на С.М, Д.М, Д.К, Н.Б. и Д.М. им е одредена мерка притвор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА