Изминува уште една тешка зима за охридските занаетчии. По ковид пандемијата, енергетската криза им зададе дополнителни маки, па дел од нив ставија катанец на врата, а оние малкумина кои уште се отворени работат само една смена. Велат дека градот е празен, работа нема, па дуќаните ги држат само оние кои не плаќаат кирија.
„Владата донесе мерка за намалување од 20 отсто на цената на струјата, но и ова решение е привремено и ќе ни ги намали трошоците само во овие кризни зимски денови. Се работи со скратено работно време за се намалат трошоците. Најголем проблем се трошоците за електрична енергија и тоа што нема кој да купи нешто. Трошоците се големи, а нема потрошувачи“, вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора-Охрид.
Според податоците на Регионалната занаетчиска комора, само минатата година 37 занаетчии во Охрид ги затвориле дуќаните поради економската криза и превисоките сметки за струја.
Континуирано низ годините се намалува и бројот на регистрирани занаетчии. Во 2016 имало 280, а денеска има 225 вршители на занаетчиската дејност.
„Континуирано бројот опаѓа, а причината е што во 2016 година со владините мерки се даваа пет години платени придонеси за плата и персонален данок. Кога поминаа тие пет години, сите тие што имаа отворено фирми сега ги затвораат и бројот на фирмите опаѓа. Најсигурно е да се затвори фирмата, но тоа е лошо и лоша политика на владата. Требаше да бидат донесени и заштитни мерки, за после тие пет години да мораат да работат занаетчиите“, смета Богоески.
С. ВРЕНЦОВСКА