Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието го образложуваше предлогот за реконструкција на Владата и кажа дека не станува збор само за кадровски промени, туку се носи одлука дали земјата ќе остане на патот на прогресот и ќе продолжи на европскиот пат со ново парламентарно мнозинство.
Тој рече и дека со владината реконструкцијата се зголемува парламентарното мнозинство, иако денеска 64 пратеници од мнозинството беа избројани во собраниската сала, колку што имаше и досега.
„За мене, оваа реконструкција на Владата не е мотивирана од имиња и презимиња. Денешните одлуки не се мотивирани од тесно-партиски интереси на ниту една партија во Владата, сегашните или идните. За мене, овие одлуки не се врзани и не смеат да бидат поврзани со желбите, мотивите и барањата на било кое партиско раководство. Денес ние сите носиме одлука дали и како ќе останеме на единствениот пат на државата.Дали ќе останеме на патот на прогресот, дали ќе останеме на патот на развојот, на стабилноста и извесноста, на економијата, на енергетиката, на животниот стандард и безбедноста на граѓаните. Или, како што сакаат дел од внатрешните и надворешните негативни фактори, да ја втурнеме државата во нова криза, нестабилност, непредвидливост и неред“, кажа Ковачевски.
Премиерот кажа дека разговарал со Алтернатива да остане во Владата и дека таму има место за сите, иако во предлогот за реконструкција министрите на Алтернатива се заменети со кандидати на Алијанса за Албанците.
„Разговаравме во изминатиот период и за останување на Алтернатива и за влез на Алијанса на Албанците во Владата. Алијанса за Албанците ја прифатија одговорноста за поддршка на Европскиот Фронт. Место има за сите, ако се сака и ако се прифатат надпартиските интереси. Место има и за Алтернатива, како што тие самите знаат. Место има за сите добронамерни и поддржувачи на Европската иднина на државата. Како што кажав и на почетокот, бројот и видот на позициите се второстепени! Прво и единствено важно, за што треба да сме заедно и што ќе постигнеме и сработиме се државните интереси“, рече Ковачевски, додавајќи дека жали што Алтернатива излезе од Владата.
Според предложената реконструкција, за нов министер кој ќе раководи со Министерството за правда, предложен е Кренар Лога од Алијанса (место Никола Тупанчески од СДСМ). За министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, предложен е Фатмир Меџити од Алијанса (на местото на Беким Сали од Алтернатива). За министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, предложен е Азир Алиу од Алијанса (место Адмирим Алити од Алтернатива). Министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе биде Каја Шукова од СДСМ (на местото на Насер Нуредини од ДУИ).