Висока функционерка во руското министерство за одбрана почина откако паднала од 16. кат на нејзината зграда во Санкт Петербург, објавија локалните медиуми. Педесет и осумгодишната Марина Јанкина го водела финансискиот оддел во Западниот воен округ, еден од петте во рамките на руските вооружени сили.
Полицијата го пронашла нејзиното тело во подножјето на зградата, а предмети и документи што ѝ припаѓале на Јанкина биле пронајдени на балкон на 16. кат. Рускиот истражувачки комитет отвори истрага за смртта на Јанкина, а првичниот заклучок бил дека извршила самоубиство.
Западниот воен округ се обвинува за некои од најтешките порази на руската војска во Украина, особено кај Харкив.
Јанкина почина само неколку дена по полицискиот генерал Владимир Макаров (72), кој наводно се самоубил близу Москва набргу откако бил сменет од Владимир Путин. Тој порано беше заменик-шеф на главниот директорат на министерството за внатрешни работи и од таа позиција организирал апсења на опозиционери и новинари.