ВЛАДАТА МОРА ДА ПОДДРЖИ ИЗРАБОТКА НА НОВИ МАПИ НА СЕИЗМИЧКО ЗОНИРАЊЕ, АПЕЛИРА ШТИПСКИОТ ЕКСПЕРТ ПО СЕИЗМОЛОГИЈА ВЛАДО ГИЧЕВ 

    ВЛАДАТА МОРА ДА ПОДДРЖИ ИЗРАБОТКА НА НОВИ МАПИ НА СЕИЗМИЧКО ЗОНИРАЊЕ, АПЕЛИРА ШТИПСКИОТ ЕКСПЕРТ ПО СЕИЗМОЛОГИЈА ВЛАДО ГИЧЕВ Владата треба да финансира изработка на нови мапи на сеизмичко зонирање за целата земја и за поголемите градови, вели професор д-р Владо Гичев. (Фото: СДК.МК)

    Македонија треба да изготви нови мапи на сеизмичко зонирање, смета универзитетскиот професор д-р Владо Гичев од Штип, кој е на двомесечна научно-истражувачка работа во САД во областа на сеизмологијата. Гичев е редовен професор и поранешен декан на Факултетот по информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Факултетските студии ги завршил на Градежниот факултет во Скопје каде и магистрирал, а докторирал во 2005 на Универзитетот во Јужна Калифорнија, САД, каде многу често е повикуван да одржува предавања и да работи на научни трудови и истражувања.

    „Изгледа луѓето зборуваат за земјотресите само кога тие се случуваат и тогаш сфаќаат колку страшна појава се. Дефинитивно нашите политирачи на ова прашање треба да посветат посебно внимание и да се заложат да се издвојуваат средства за истражувања во оваа област. Јас неколку пати се обидувам да барам поддршка за проекти, конкретно на цркви, џамии и други стари градби, но засега никој нема слух. Ако се случи таков разорен земјотрес, тогаш сигурно е дека последиците и кај нас ќе бидат како во Турција“, вели професорот Гичев.

    Гичев смета дека Владата треба да финансира изработка на нови мапи на сеизмичко зонирање за целата земја и за поголемите градови. Вакви мапи постојат и се изработени од Институтот за сеизмолошко инженерство и инженерска сеизмологија ( ИЗИИС ), но според него тие се стари, веќе не се точни и треба да се ревидираат. Гичев смета дека колегите направиле напори нешто структурно да се измени во овој поглед, но најверојатно и тие не наишле на неопходната поддршка.

    „Затоа може да се каже дека  премногу се потценува силата на земјотресите. Тие предизвикуваат многу поголеми сили околу 50%  поголеми од пропишаните со нашите стандарди кои доаѓаат од погрешните сеизмички мапи на зонирање, вели Гичев.

    Тој како пример го зема својот роден град Штип, каде постојните мапи предвидуваат проектна сила од 20 % од земјиното забрзување, а всушност вистинската сила од разорен земјотрес кој би се случил еднаш во 500 години е над 32 % хоризонтално забрзување.

    „Според досегашните сознанија таквото процентуално забрзување на земјотресните сили генерира сеизмичка сила од 60 проценти, речиси двојно поголема од онаа која ја даваа старите сознанија по кои уште се гради во Македонија. Примерот е за Штип, а најизразена процентуална разлика има за Охрид. Ова значи дека инженерите сега ставаат арматура и бетон за потрес од 20 процентни сили, а земјотресот ќе донесе сила 32 отсто, што значи зградите нема да го издржат тој трустен товар“, смета Гичев.

    Како што вели штипскиот професор  најверојатно тоа се случило и во Турција. Градителите или изведувачите за да заштедат материјал вградуваат помалку арматура и бетон во интерес за поголеми профити. И да се имплементираат новите методи сега, постојат стари згради кои се градени по старите методи со неточни забрзувања и тие мора да се појачаат за да не паднат во случај на вакви силни земјотреси.

    „Кога ќе се изработат сеизмичките мапи за целата држава и за поголемите градови, тогаш треба да се смени и законот за проектирање и градење. На тој начин, ќе дојде до израз вклучување на ефектите од диференцијални поместувања кај долги објекти, интеракцијата тло-објект, нелинеарен одговор на објектот и други феномени кои се јавуваат при јаки потреси на тлото“,з вели Гичев.

    Тој во САД е во тимот експерти по сеизмологија кој се смета за најдобриот во светот. Дел од тимот веќе престојувал во Индија каде се испитува какви сеизмички сили предизвикуваат земјотресите од Хималаите.

    Неговиот докторски труд „Дегенираран тридемензионален конечен елемент во анализа на ротациона лушпа“ со кој се открива нов метод на детектирање на земјотресите, уште тогаш предизвика големо внимание и позитивни оценки пред сè кај американските и јапонските сеизмолози. Со овој метод стручно разработен со компјутерска програма се утврдуваат параметрите и јачината на земјотресот. Прецизно се следи ширењето на сеизмолошките бранови кои кога наидуваат на објектите се движат низ нив со неверојатна брзина и моќ.

    Досега, стандардите се утврдуваа со примена на статички сили во објектите и тоа на ниво на меѓукатни плочи и конструкции, но теоријата на Гичев е теорија на пропагирање на сеизмичките бранови, следење на сите диференцијални поместувања меѓу точките во објектот што овозможува со посебно формули да се добијат резултати за деформацииите меѓу две точки кои се курцијални за оштетувањето на објектите.

    „На пример, најслабите точки на мостовите се токму на местата каде се спојуваат хоризонталните асфалтни плочи со столбовите. Мојот метод утврдува какви и колкави се токму тие поместувања спрема јачината на земјотресот, па врз основа на тие податоци се утврдуваат и параметрите за градење на објектите. Тогаш и градбата ќе биде поевтина и поекономична, а со намалувањето на бројот на слабите точки ќе биде и многу поиздржлива“, вели Гичев.

    Проф. Гичев кој смета дека овие методи се истражувани на американско тло, но треба да наоѓаат широка примена и кај нас, со оглед на тоа што и Македонија е на иста географска ширина со Калифорнија.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира