ВЛАДАТА НЕМА ДА ГО ЗАЖИВЕЕ КОМПЛЕКСОТ МАКЕДОНСКО СЕЛО НА ВОДНО КОЈ ПЕТТА ГОДИНА Е ЗАТВОРЕН, А ЧИНИ 6.5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ВЛАДАТА НЕМА ДА ГО ЗАЖИВЕЕ КОМПЛЕКСОТ МАКЕДОНСКО СЕЛО НА ВОДНО КОЈ ПЕТТА ГОДИНА Е ЗАТВОРЕН, А ЧИНИ 6.5 МИЛИОНИ ЕВРАМакедонско село и натаму зјае празно и затворено за посетители, Владата ниту го споменува ниту работи на негово заживување. (Фото: СДК.МК)

    Владата остави да пропаѓа комплексот Македонско село во Горно Нерези, Скопско, на падините на Водно, за кој се потрошени 6,5 милиони евра. Петта година комплекстот е затворен откако концесионерот, фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, престана да работи оти му било неисплатиливо.

    Во мај 2020, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски презентирајќи го третиот сет економски мерки за справување со коронакризата кажа дека комплексот ќе прерасне во стартап село, ќе се постави брз Интернет, а етно куќите ќе се пренаменат во простор за заедничка работа. Но, оттогаш поминаа речиси три години, а Македонско село и натаму зјае празно и затворено за посетители. Владата ниту го споменува ниту работи на негово заживување.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали Владата има намера да го отвори и заживее комплекстот за кој се потрошени 6,5 милиони евра пари на граѓаните или ќе го остави да пропаѓа, кусо ни беше одговорено дека за ова прашање ќе се разговара во наредниот период.

    „Ве информираме дека во наредниот период, Владата ќе расправа за комплексот Македонско село. За заклучоците, јавноста ќе биде информирана“, велат од Владата.

    Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

    Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра. Во октомври 2018, престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и дека таква опција имале во договорот.

    Инвестицијата на Владата во Македонско село во Нерези ќе се исплати по нешто повеќе од 155 години. Толку време треба закупецот да ѝ плаќа на Владата по 3.500 евра месечно, колку што беше кирија која ја плаќаа фирмите на Тодоровиќ, за да се стигне до приближно 6,5 милиони евра колку што државата вложи во селото.

    Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а  2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира