Британското министерство за одбрана објави дека руските сили претрпеле огромни загуби на источноукраинскиот фронт во изминатиот период, особено во нападот на Вухледар, рударско гратче кое пред почетокот на инвазијата имало 14.000 жители. Во последниот британски извештај се вели дека елитните 40. и 155. бригада на руската морнаричка пешадија имале толку големи загуби кај Вухледар, што веројатно се борбено неефективни.
И украинските и западните разузнавачи и руските воени блогери, дополнето со сателитски фотографии, зборуваат за „катастрофалниот“ пораз на руската војска во обидот да го освои овој град во регионот Доњецк.
Сместен на висорамнина, Вухледар е оддалечен само два километра од Павливка, кој е под контрола на руските сили од ноември и линијата на фронтот меѓу двата града беше релативно стабилна до крајот на минатиот месец. Засилени со единиците од 40. и 155. бригада на морнаричката пешадија, чија база е на пацифичкиот полуостров Камчатка, Русите уште еднаш го нападнале Вухледар, што не завршило добро.
Генералштабот на украинската војска тврди дека Русија изгубила најмалку 130 оклопни возила во нападот, вклучувајќи 36 тенкови, иако други извори велат дека овие бројки се претерани. Снимки и фотографии од полињата околу Вухледар што се појавија на Телеграм покажуваат меѓу 20 и 40 уништени тенкови и други оклопни возила. Исто така, се тврди дека во нападот загинале до 500 руски војници.