По полузаспана расправа ноќеска до два часот во Собранието, за избор на тројца министри од новиот коалиционен партнер Алијанса за Албанците, а во која никој со никого од пратениците не се слушаше, денеска малку поосвежени, тие продолжија со реплики на говорот на Фадил Зендели од БЕСА.
Репликите беа од ВМРО-ДПМНЕ, но имаше и од Алијанса за Албанците, кои ѝ префрлаат на БЕСА дека е лицемерна партија, бидејќи на минатите парламентарни избори освои пратенички места благодарение на тоа што СДСМ ги стави на заедничка листа.
„Ви нудиме соработка еднаш, одите со СДСМ во коалиција. Ви нудиме соработка повторно, одите со ВМРО-ДПМНЕ“, забележа Халил Снопче од Алијанса.
Репликите од ВМРО-ДПМНЕ беа критики главно против Артан Груби, кој наводно на братот му овозможил да се стекне противправно со државен имот, за синот на Талат Џафери што положол правосуден испит со недовршено високо образование, новиот министер за здравство Фатмир Меџити од Алијанса кој кревал палата врз малечка барака, но и за братот на новиот министер за правда Кренар Лога, наводно осомничен за тешки кривични дела против животот и безбедноста на луѓето.
Пратениците со кои разговаравме велат дека до викендов нема да се заврши со дискусијата, односно со гласањето за реконструкција на Владата, зашто има уште 27 пријавени пратеници од опозицијата за говор. На секој од тие говорници, се пријавуваа за реплики речиси целата опозиција во Парламентот.
Она што е забележливо, е дека речиси никаде ги нема тројцата пратеници од ДУИ на чело со Изет Меџити, кои се раскарани со колегите поради тоа што министрите Артан Груби и Бујар Османи лидерот Али Ахмети не ги смени ни со оваа реконструкција.
На прашањето дали и како ќе гласаат за реконструкцијата, дали се власт или опозиција, како и тоа дали можеби комуницираат директно со премиерот Димитар Ковачевски, не добивме одговор. Се знае само тоа дека тие досега не испратиле известувања до спикерот Џафери дека се одвојуваат од пратеничката група на ДУИ.
С. К. ДЕЛЕВСКА