Проект на Инстаграм чија цел беше да им се даде фокус на жени кои не се славни и нивните несовршености, прерасна во агенција за модели, за да се редефинира убавината во Италија. Агенцијата за модели „Несовршени“ (L’Imperfetta), основана во 2020 од Карлота Џанкане, има полно портфолио со манекени кои ги побиваат востановенте стандарди на модната машинерија. Има и жени и мажи на различни возрасти, со различни димензии, некои се со попречености или со медицински состојби како алопеција или витилиго, со видливи лузни или без екстремитети.
Слични агенции веќе постојат низ Европа и САД, а оваа е прва во Италија.
Една од моделите е Соња Спарта, 28-годишничка од Сицилија. Таа има темни точки на лицето и по телото, како резултат на хиперпигментација. Како мала ги слушала возрасните како им шепотат на децата дека таа работи во циркус. Во минатото се обидувала да ја сокрие својата состојба, но сега е свесна за својата убавина.
„Ги сменив работите така што мојата слабост стана мојот извор на сила, моја посебност“, вели таа.
„Се чувствувам како револуционерка бидејќи сфаќам дека сето ова не постоело пред ‘Л’имперфета’“, вели Џанкане.
Агенцијата има повеќе од 140 модели. Работат и во Италија и во странство, но фокусот е во Италија „бидејќи тука сакаме да ги промениме работите“, вели Џанкане. Нејзините модели се во рекламни кампањи за козметички брендови, модни трговци на мало и супермаркети. Голем дел од работата е во онлајн реклами, но имало и повици за модели во телевизиски реклами. Двајца учествуваа на модната писта во Милано за дизајнерот Марко Рамбалди.