Вчерашниот пожар во месноста Дебело Поле во Охрид зафати трска и нискостеблести растенија на површина од околу 3.000 квадратни метри. Причините за пожарот засега не се познати, но надлежните велат дека најверојатно се работи за човечки фактор.
По четири часа интервенција, пожарот беше локализиран, а делови од Горно и Долно Лакочереј одредено време останаа без електрична енергија. Од Територијалната противпожарна единица од Охрид (ТППЕ) велат дека било интервенирано со четири возила и десет пожарникари.
„Изгорена е голема површина на трска во која егзистираат голем број птици и животни, опожарени се и овоштарници, а поради силниот ветер имаше реална опасност да се загрозат и поблиските куќи, кои се штитеа повеќе од четири часа. Пожарот е ликвидиран од нашите екипи со помош на граѓани и членови на ДПД ‘Ентузијаст Охрид-Дебрца‘“, велат од ТППЕ Охрид.
Охридскиот центар за управување со кризи извести дека пожарот избувнал во 17:30 часот и зафатил сува трска, шавар и капини на локацијата викана Трно – Дебело Поле, која се наоѓа меѓу населбата Радојца Новичиќ и селата Орман и Долно Лакочереј. Жителите на Лакочереј велат дека палењето на блатото се повторува секоја година. Стравуваат дека огнот може да стигне до нивните куќи, па бараат од надлежните да се фатат и казнат сторителите.
С. ВРЕНЦОВСКА