Над 7.000 лица со оштетен слух ја чекат апликацијата која ќе им овозможи пристап до повикувачкиот број 112 за итни случаи, како и поквалитетна услуга до сите државни институции во земјава. Со оваа модерна и професионална апликација тие ќе можат да комуницираат преку толкувачи на знаковен јазик, велат од Националниот сојуз на глуви и наглуви. Од Сојузот очекуваат оваа апликација да се воведе во текот на годинава.
САКАМДАКАЖАМ.МК разговараше со толкувачите на знаковен јазик Татјана Митовска и Аленка Хасан, како и со генералната секретарка на Сојузот Лиза Велкоска за секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со оштетен слух.
Во земјава има околу 7 илјади глуви и наглуви лица, и 33 толкувачи. Лицата со оштетен слух имаат потреба од толкувачи на знаковен јазик во сите области на нивното целокупно живеење, како што велат нашите соговорници, од најрана возраст со нивното одење во градинка, потоа во училиште (основно, средно, за некои и во високото образование), потоа при нивно вработување, во здравството од одење кај матичен лекар, специјалистички преглед, лабораторија, во болница, во аптека, потоа на нотар, суд, од одење кај адвокат, во банка, при вадење лични документи, патни исправи, при пријавувања во полициски станици и слично, па сѐ до нивното пензионирање. Интернетот, велат тие, им е од голема помош на овие лица за функционирање во секојдневниот живот.
Од 2019 почна да работи кол-центарот и е достапен за целосно глувите лица кои што комуницираат преку знаковен јазик, како проект на Националниот сојуз на глуви и наглуви кој што е подржан од Министерството за труд и социјална политика.
„Морам да кажам дека се работи за два различни света, во едниот се глувите лица, а во другиот свет сме ние слушните лица. Толкувачите на знаковен јазик се ‘мостот’ на поврзување на тие два света поради надминување на комуникациските бариери и препреки“, вели Велкоска.
Таа рече дека кол-центарот е достапен за глувите лица од понеделник до петок (од 8 до 18 часот) каде што има сертифицирани толкувачи на знаковен јазик. Ако глувото лице има потреба да појде во аптека, банка, пошта, кај матичен лекар или која било друга институција, преку мобилниот апарат со видеоповик го повикува кол-центарот и комуникацијата се воспоставува преку толкувач на знаковен јазик, каде што преносот на информации помеѓу глувото и слушното лице, толкувачот го прави од знаковен на говорен јазик и обратно.
„На пример, лицето ме бара од банка и се случува некогаш да мора да се остави телефонски број. Ние се служиме со службени телефонски бореви, оставаме наш службен и ако дополнително нешто треба да се повика лицето, нас нѐ бараат и после ние ги бараме со камера и тие ни се предностите. Во сите установи, полициски станици“, вели Хасан.
Митовска додава дека иако работното време на кол-центарот е до 18 часот, секако дека ако има потреба им помагаат за секакви итни ситуации и не ги одбиваат.
„Ние сме деца на лица со оштетен слух и повеќето нѐ знаат и приватно и често знаат да нѐ побараат“, дополнува Хасан.
„Технологијата им е од голема помош, многу им помага видеоповикот, така што комуникацијата им е олеснета и на повозрасните лица преку Интернетот“, вели Митовска.
Од октомври лани функционира проектот „Мое здравје“, каде од Министерството за здравство се ангажирани сертифицирани толкувачи на знаковен јазик.
„Проектот настана по барање и иницијатива од младите глуви лица да има толкувачи на знаковен јазик конкретно од областа на здравството, каде што толкувачите ќе бидат достапни за глувите лица преку видеоповик или со лично присуство на толкувачот кај матичен лекар, во болница на специјалистички преглед и слично“, вели Велкоска.
Митовска рече дека „Мое здравје“ функционира стриктно за здравствените институции, дека имаат добра соработка со докторите, запознаени се со нив и добро ги прифаќаат.
„Една колешка беше 24 часа на придружба во болница по операција на лице со оштетен слух. Одиме секако и со трудници, со родители на педијатар, кога треба прецизно да им се кажат информации за здравствената состојба на децата“, рече Митовска.
Затоа, вели Велкоска, сега имаме два кол-центра кои слично работат, и подобро би било кога се би било сконцентрирано на едно место, во еден пакет.
„Со реализација на проектите ‘Кол-центар’ и ‘Мое здравје’ каде што има достапни толкувачи на знаковен јазик за глувите лица се увиде потребата глувите да ги користат помасовно кај нас во државата. Па од тука, Националниот сојуз на глуви и наглуви на РСМ во 2022 година започна разговори со повеќе министерства, меѓу кои Министерство за внатрешни работи (МВР), Министерство за здравство и други да ни дадат поддршка за тоа кај нас да има една модерна и професионална апликација која што ќе ја користат сите глуви и наглуви лица, каде што преку толкувачи на знаковен јазик ќе можат да комуницираат. Имам информација дека апликацијата веќе се применува во некои повисоко развиени земји, како Шведска, а кај нас во соседството се применува во Албанија. Покрај видеотолкување на толкувачот на знаковен јазик истата ќе има и титлуван превод, но што е најважно ние како Сојуз ќе настојуваме да има лично присуство на толкувачот доколку има потреба и барање од страна на глувото лице во одредена институција или установа. Идејата и целта е со оваа апликација сите да бидат сплотени во едно, односно од една страна глувите и наглуви лица, а од друга страна институциите кои што ги даваат услугите и секако толкувачите на знаковен јазик преку кои што ќе се остварува комуникацијата. Нашите очекувања се апликацијата да отпочне со работа оваа година. Исто така, преку апликацијата ќе биде достапени повикувачкиот број 112 за итни случаи, што е од особена важност за глувите лица и тие да можат да го користат секако преку толкувачите“, ни рече Велкоска.
Б. НЕСТОРОСКА