И покрај поплаките дека детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ годинава може да не се одржи поради скратените средства од државата, Меѓународниот управен одбор на колонијата донесе предлог за одржување на манифестацијата од глобални рамки. Предлогот е доставен до организаторот – Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола кое ја рагледа финансиската состојба и констатира дека паричната поддршка од Општина Битола и средствата што ќе ги добијат од годишниот конкурс на Министерството за култура од 240.000 денари за двете манифестации (изложбата и колонијата) не покриваат ни 20 проценти од целокупните потребни за реализација на манифестациите. Но, тие ќе се одржат.
„Се прегледаа најавите за донации, но и евентуално земање на наменски кредит за одржување на настаните кои се од глобални рамки. Детско ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј’ Битола на Управен одбор донесе одлука со која ќе ги реализира 41. Светски детски ликовен конкурс и изложба ‘Битола’ и 42. издание на Светската детска ликовна колонија ‘Мал Битолски Монмартр’. На колонијата ќе се поканат 25 екипи од 22 држави од Јапонија, Индија, Кина па се̍ до Словачка, Турција, Португалија, Бугарија, Србија и Израел“, пишува во соопштението од Студиото.
Од таму додаваат дека по одлуката на Министерството за образование и наука по 30 години без писмено решение и образложение да ја прекине поддршката што генерираше со финансиска криза која трае девет месеци, во прашање беше донесена работата на студиото, но и реализацијата на проектите по кои тоа е препознатливо.
Според објавената програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура, „Малиот битолски Монмартр“ годинава ќе добие вкупно 289.100 денари или нешто повеќе од 4.700 евра за три проекти Светска детска ликовна изложба, колонијата и изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр“. Од Студиото претходно се пожалија дека ова се малку средства и дека доделените за Светска детска изложба и „Монмартр“ се цифри кои се граничат со здравиот разум. На ова возврати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска дека не е вистина оти „Монмартр“ не е поддржан и годинава им е дадена највисока сума дсосега од 240 000 денари.
Детско ликовно студио од Битола оваа година слави 55 години постоење и примарна цел му е бесплатната едукација на млади ликовни уметници и таленти. Само во учебната 2022/23 година во студиото членуваат над 180 ученици.
Заклучно со 15 март на Светскиот детски ликовен конкурс “Битола” пристигнаа 650 пратки од 71 држава со над 44.000 детски ликовни цртежи. Детско ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола само во првите три месеци од годинава од три светски детски ликовни конкурси освои над 3О награди од кои 15 од УНЕСКО – Франција, а последните се од Светскиот детски ликовен конкурс и изложба во Нова Загора, Бугарија каде наградени се: Матеј Јаневски 9 години, Јана Сивакова 9 години и Сара Наумовска 14 години.
Ж. ЗДРАВКОВСКА