ПЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ПОЧИНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, РОДИТЕЛИТЕ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ПРИМИЛО ИНФУЗИЈА СО ГЛИКОЗА ИАКО ШЕЌЕРОТ Ѝ БИЛ ПОКАЧЕН

    ПЕТГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ПОЧИНА ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА, РОДИТЕЛИТЕ СЕ СОМНЕВААТ ДЕКА ПРИМИЛО ИНФУЗИЈА СО ГЛИКОЗА ИАКО ШЕЌЕРОТ Ѝ БИЛ ПОКАЧЕНСе чека резултатите од обдукцијата  да кажат од кои причини настанала смртта, вели болницата. (Фото: СДК.МК)

    Петгодишната Јана Христовска од битолското село Кравари почина вчера во битолската Клиничка болница, откако претходно на Одделението за педијатрија примила инфузија, па состојбата се искомплицирала и се правеле обди за нејзина реанимација на Одделението за интензивна нега. Mинистерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, итно побара Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши инспекциски надзор за случајот со починатото девојче во Клиничка болница Битола, соопштија од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Таткото на девојчето, Стојче Христовски, се сомнева дека се работи за лекарски пропуст зашто кај девојчето при анализите на крвта се покажало дека шеќерот е покачен на 9, а ѝ била дадена инфузија која претпоставуваат дека содржела гликоза, па шеќерот се искачил на 19 единици.

    „Девојчето не боледуваше од никакви болести, освен што претходниот ден имаше температура, па ѝ дадовме сируп и ѝ спадна. Другиот ден се жалеше на малаксаност и болки во мускулите, а пред Нова година имаше вирус од кој и потекоа капачињата на очите и тоа пак ѝ се случи вчера. На Одделението за педијатрија ја прегледаа и ни рекоа да направиме крвна слика. Шеќерот ѝ го измерија 9. Во 10 часот ѝ зедоа крв, а рекоа резултатите по 12 часот. Ѝ кажав на докторката за шеќерот, рече не е многу. Дури ги чекаа реузлтатите ѝ ставија инфузија. Наша претпоставка е дека е гликоза за да ја освежат. Кога дотече, шеќерот се крена 19. Ги фати паника, почна да се компликуваат работите. Се јавија во лабораторија, побрзо да ги направат анализите на крвта. Се насобраа доктори“, кажува таткото.

    По ова, девојчето било однесено на Одделението за интензивна нега, а во 15,30 часот починало.

    Семејството вели дек Јана не боледувала од други болести и била здраво дете.

    Од Битолската болница потврдија дека девојчето починало на Одделението за интензивна нега каде биле направени обиди за нејзина реанимација. По барање на болницата е направена обдукција, а известено е Обвинителството. Се чека резултатите од обдукцијата  да кажат од кои причини настанала смртта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира