Основното јавно обвинителство во Куманово побарало да се изврши информативен разговор со високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, откако добило анонимна пријава за изборни нерегуларности во Куманово. Од обвинителството потврдуваат дека до нив стигнала анонимна пријава, во која партиски членови се обвинуваат за изборен поткуп.
“Станува збор за преземени дејствија во насока на проверка на наводи по поднесена анонимна кривична пријава до Основното јавно обвинителство од Куманово“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.мк од Обвинителството.
Од таму не сакаа да дадат информации за кое дело и за кои партиски членови станува збор, бидејќи постапката била во тек и ништо не е процесуирано.
Од МВР дознаваме дека во пријавата биле наведени со име и презиме членовите кои вршеле изборни регуларности и на кој начин го вршеле поткупот на избирачите.
По барање на обвинителството, во изминатите два дена во полициската станица биле повикани 7-8 членови на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а не се знае дали бројот е конечен. Од партијата за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека истакнати членови и функционери се повикани на разговор во полицијата и сметаат дека со тоа се прави психолошки притисок без аргументи.
Ова не е прв случај во Куманово да се истражуваат сомневања за изборни нерегуларности. Минатата недела специјалци и обвинители од организиран криминал упаднаа во куќата на началникот на кумановската полиција Стојанче Величковиќ и му одзедоа службени докумети, под сомнение дека учествувал во изборен поткуп при распределба на огревно дрво на социјално загрозени семејства.