ОД СТИГМА ДО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ – ПОЛА ВЕК НА УЧИЛИШТЕТО „МАЦА ОВЧАРОВА“ ОД ВЕЛЕС КОЕ ОБРАЗУВА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

    ОД СТИГМА ДО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА СИТЕ – ПОЛА ВЕК НА УЧИЛИШТЕТО „МАЦА ОВЧАРОВА“ ОД ВЕЛЕС КОЕ ОБРАЗУВА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТИСега ова училиште прифаќа деца кои претходно не влегуваа во образовниот систем, имаат потежок хендикеп, и него има тотална инклузија - да се образуваат сите деца со попреченост. (Фото: СДК.МК)

    Основното училиште за деца со попречености „Маца Овчарова“ од Велес одбележа 50 години постоење. Училиштето е основано во 1973, кога имало 11 наставници и 173 ученици со лесен вид на попречености, а денес на настава тука се 47 ученика. Ова е едно од петте основни училишта кои работат во Македонија.

    „Педесет години професионална работа, секогаш покрај нив, до нив, ги едуцираме, воспитуваме и рехабилитираме. Ги носиме по патот кон иднината, да бидат рамноправни членови на заедницата. Упорноста, ентузијазмот на наставниците, дефектолозите, специјалните едукатори и рехабилитатори, стручните работници и воспитувачите, негувателките даваат резултати. Тука е и заедничката работа со родителите на децата. Се радуваме на секој постигнат успех“, вели Мирјана Петрушевска, директорка на „Маца Овчарова“.

    Училиштето од пред две години е ресурсен центар. Покрај основната дејност образование и воспитување, дополнителна дејност е едукација и третман на образовни асистенти.

    „Од пред две години, учениците за да влезат во образовниот систем мора да добијат категорија, од меѓународната класификација на функционалност. Таа одредува како децата со попречености ќе се образуваат натаму во образовниот систем. Дел од нив ќе добијат образовен асистент, кој со редовниот наставник, ќе работи тандем настава со детето со попреченост инклузирано во таа училница. Друг дел добиваат насоки да работат по модифицирана програма или по индивидуална образовна програма“, вели Петрушевска.

    Училиштето дава поддршка и имплементација на процесот на вклучување на учениците во редовното образование. Тоа сега е центар за 31 основно училиште, каде настава посетуваат ученици со попречености од 11 општини од Повардарјето и дел од градовите во централниот дел на Источна Македонија. Во моментов таму има запишано 47 ученици. Дел од нив, 12 ученици, се интернатски смести таму пет дена во неделата, додека 106 ученици се опфатени со образовна асистенција и за нив се ангажирани 96 образовни асистенти, обучени, координирани и вработени во „Маца Овчарова“. Еден од основачите на училиштето бил Борче Митев, кој присуствуваше на одбележувањето на овој голем јубилеј.

    „Беше тешко. Постоеја специјални паралелки за деца со попречености, најчесто со лесни, во неколку основни училишта во градот, во ‘Св. Кирил и Методиј’, во ‘Благој Кирков’. Јас работев во едно од нив, во ‘Трајко Андреев’, таму работеше и колегата Ангел Љутков, кој има заслуги за основањето на училиштето. Колегите дефектолози се договоривме, ако има можност да се формира осново училиште, специјализирано за овие деца. Кај родителите тогаш немаше отпор, бидејќи децата беа со лесни попречености. Подоцна, дел од родителите почнаа да откажуваат, бидејќи ‘специјално’ во името на училиштето им пречеше, им создаваше отпор кај јавноста“, рече Митев.

    Во почетните години во училиштето се згрижувале ученици со лесни пречки, кои со реформите од пред две години одат на настава во редовни училишта, а системот на образование на децата со посебни потреби се преструктуира. Сега ова училиште прифаќа деца кои претходно не влегуваа во образовниот систем, имаат потежок хендикеп, така што во него има тотална инклузија – да се образуваат сите деца со попреченост.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира