Двајца дилери на дрога се уапсени вчера на автопатот Гостивар-Тетово со 30 килограми марихуана, спакувана во 25 пакувања во нивниот автомобил, соопшти Основното јавно обвинителство Тетово.
Двајцата се обиделе да избегаат кога полицајци пробале да ги запрат, по што полицајците пукале во гумите на автомобилот за да го онеспособат.
„Кога полициски службеници се обиделе да ги запрат, првоосомничениот возач на автомобилот додал гас, обидувајќи се да се даде во бегство, при што удрил во полициско комбе. Полициските службеници пукале во тркалата на автомобилот и успеале да го онеспособат за движење и да го запрат. Осомничените веднаш биле приведени, а дрогата запленета“, велат од ОЈО Тетово.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.