СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ДОГОВОРИЈА ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА ДЕЛ ОД ПОЛАГАЊЕТО НА ДРЖАВНАТА МАТУРА

    СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ДОГОВОРИЈА ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА ДЕЛ ОД ПОЛАГАЊЕТО НА ДРЖАВНАТА МАТУРАСојузот бараше и да се премести првиот екстерен испит да се премести од 27 мај на 3 јуни поради верскиот празник Духовден, но, како што вели МОН, тоа не е можно, поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година. (Фото: СДК.МК)

    Сојузот на средношколци на Македонија и Министерството за образование и наука (МОН) се договорија дека годинава ќе има дополнително олеснување на полагањето државна матура во интерес на сите средношколци, соопштија денеска од двете страни.

    Според Сојузот, на денешниот состанок со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, државната секретарка при МОН, Анета Трпевска, и в. д. директорката на Државниот испитен центар, Благица Павловска, биле прифатени три од четирите нивни барања, меѓу кои најважното, дека МОН преку Владата ќе им препорача на сите универзитети во земјава да ги променат коефициентите за упис и со тоа да го променат соодносот на поените што ги носат екстерните испити и што ги носат интерните испити.

    „Ќе се споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред интерниот испит со број на прашања 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот, ќе им се препорача на универзитетите првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а ќе се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните“, вели Сојузот, а од МОН додаваат: „Имајќи предвид на кој начин оваа генерација на матуранти ја следеше наставата, ние како Mинистерство сме согласни со голем дел од барањата на Сојузот, со цел олеснување на процесот на полагање, и токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како до сега од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено“.

    Сојузот бараше и да се премести првиот екстерен испит од 27 мај на 3 јуни поради верскиот празник Духовден, но, како што вели МОН, тоа не е можно, поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година.

    „Оттука како дополнително и компромисно решение беше понудено намалување на обемнoста на тестот по мајчиниот јазик преку дополнување на Концепцијата за полагање државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование“ , вели МОН, а од Сојузот додаваат дека вечерва ќе имаат вонредна седница на Генералното собрание  и ќе се одлучува дали ќе се прифати или ќе се одбие предложеното решение.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира