Откако претходно месецов ги замрзна цените на лебот, млекото и јајцата, Владата во наредните денови ќе ги замрзне цените на хигиенските производи, зеленчукот и овошјето, најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски беше во маркет во скопско Тафталиџе.
Бектеши вели дека најверојатно утре ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски производи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, кажа Бектеши.
Министерот вели дека за овошјето и зеленчукот вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство, а денеска работи неговиот тим, по што ќе бидат замрзнати цените на повеќе од 5-6 производи. Во меѓувреме, ги чекаат и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видат колку е разликата во делот на маржите.