Утринава во казино на булевар „Теодосиј Гологанов“ во скопската населба Капиштец е убиено едно лице, соопшти полицијата. Станува збор за Н.А. (46) од скопското село Арачиново, во кого пукало едно лице.
„Во 08.05 часот во СВР Скопје пријавено е дека во казино лоцирано на булевар ‘М. Т. Гологанов’ едно лице пукало во Н.А. (46) од село Арачиново, со кого претходно играле на апаратите во казиното, по што Н.А. подлегнал на повредите. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Од Основното јавно обвинителство велат дека по извршениот увид едно лице е приведено, а се трага по лицето кое го извршило убиството.
„Според првичните сознанија, починатиот маж на возраст од 46 години, во казиното пристигнал заедно со уште три лица, во видно алкохолизирана состојба. Извесно време играле на апаратите, а потоа жртвата започнал да се расправа и да се турка со едно од лицата со кои бил заедно во казиното. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во оштетениот. Потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќе пати во пределот на главата. Жртвата им подлегнала на повредите на лице место“, велат од Обвинителството.