И МОЈОТ ИДЕНТИТЕТ ПОСТОИ – ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА И ДРУГИТЕ ГРАЃАНИ МАРШИРАА ЗА ВИДЛИВОСТ И ЗА ПРАВНО ПРИЗНАВАЊЕ НА НИВНИОТ РОД

    И МОЈОТ ИДЕНТИТЕТ ПОСТОИ – ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА И ДРУГИТЕ ГРАЃАНИ МАРШИРАА ЗА ВИДЛИВОСТ И ЗА ПРАВНО ПРИЗНАВАЊЕ НА НИВНИОТ РОДЗаконот за матична евиденција, преку кој Стразбур кажа дека треба да им овозможи на трансродовите лица брз и ефикасен пристап за промена на матичниот број со родот, односно полот што го чувствуваат во својата природа, е повлечен од процедурата и одложен за 2024. (Фото: К. Попов)

    Тешката секојдневна дискриминација и насилство врз трансродови луѓе во Македонија, неспроведувањето во целост на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, одлагањето на Законот за правно признавање на родот, немањето основни права и слободи на овие луѓе во земјава, се главната содржина на денешниот Марш за видливост на трансродовите лица, кој почна пред Владата. Денеска е Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, сеќавање на убиените меѓу нив.

    „Како и сите претходни години, и оваа година децидно и недвосмислено бараме Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во Собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа Влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа, ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права“, вели граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА“.

    „TрансФормА заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува по петти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица, заради намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

    Денеска гласно ја испраќаме пораката ‘И мојот идентитет постои’, со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите луѓе, која е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество, за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, рекоа од граѓанската иницијатива.

    И покрај тоа што минатиот месец во Собранието дојде претставник на Комитетот на министри на ЕУ, кој го следи спроведувањето на пресудите изречени од Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, сепак по пресудата што ја доби лицето ИКС против државата, не се постапува во целост. Законот за матична евиденција, преку кој Стразбур кажа дека треба да им овозможи на трансродовите лица брз и ефикасен пристап за промена на матичниот број со родот, односно полот што го чувствуваат во својата природа, е повлечен од процедурата и одложен за 2024 година.

    Тоа нема добро да се одрази кога на маса во преговорите за членство ЕУ ќе ја стави состојбата со почитувањето на човековите права во Македонија.

    Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата (ИППГ) денеска соопшти дека ќе поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, и рече дека „врвен приоритет е усвојување законска рамка со која ќе се обезбеди правно признавање на родот, што претставува и обврска на Република Северна Македонија согласно пресудата на Европскиот суд за човекови права“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира