КРОМИДОТ СТАНА ПОСКАП ОД БАНАНИТЕ, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ИМА ПОВЕЌЕ ПРИЧИНИ ЗА ВИСОКАТА ЦЕНА

    КРОМИДОТ СТАНА ПОСКАП ОД БАНАНИТЕ, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ИМА ПОВЕЌЕ ПРИЧИНИ ЗА ВИСОКАТА ЦЕНАУвозот на кромидот од Албанија досега не се почувствува по цената на пазарите (Фото: СДК.МК)

    Кромидот достигна цена од 80 денари за килограм, која не ја помнат ниту највозрасните купувачи, ниту производителите. Така во овој период, килограм банани е поевтин од килограм кромид. Производителите лоцираат неколку причини за ваквата состојба.

    „До пред некоја година, прекупците го купуваа кромидот за пет денари за килограм, а на пазар го продаваа за 25/30 денари. Решив наместо три декари, да работам еден, колку за дома и за мои блиски. Не дозволувам со моите труд и мака прекупците да се богатат. Пет пати поскапо го продаваа. Ако сака државата да не биде зависна од увоз, нека нè заштити“, вели земјоделец од велешкото село Иванковци, кое со селото Мамутчево беа најголемите одгледувачи на кромид во регионот.

    „Цената на кокарот, тоа е расад за кромид, многу скокна. Тој најмногу се одгледува во Скопско, ама младите не го работат. Останаа постарите кои не се во можност да работат многу, па нема толку расад и цената скокна. Со тоа и цената на кромидот“, објаснува одгледувач од велешкото село Дурутовец.

    Селото Каратманово во Овче Поле беше голем производител на кромид, но со годините се намалуваат површините, но и бројот на семејства кои го одгледуваат.

    „Се смени и климата. Се знае кога на кромидот му треба вода, кога не. Лани фатија дождови кон крајот на јуни и го преполовија родот“, кажа земјоделец од Каратманово.

    Неодамна беше објавено дека заради надминување на ваквата состојба во земјава, ќе се увезе кромид од Албанија. Но, увозот досега не се почувствува по цената на пазарите, која и натаму е висока.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира