„Кајмак“ на Милчо Манчевски, најгледаниот филм во Македонија лани, е продаден за дистрибуција во цела Јужна Америка, Средна Америка и на Карибите, соопшти продукцијата. Продажниот агент, „Левел К“ од Копенхаген, го продал македонскиот филм на 40 земји од Западната хемисфера – од Аргентина, Бразил и Мексико до Јамајка, Аруба, Барбадос; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис. Кајмак“ е веќе продаден во повеќе европски земји, а понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Филмот ќе биде прикажан на оригиналниот, македонски јазик, со титлови на јазиците на земјите во кои се прикажува“, велат од продукцијата.
„Кајмак“ изминатиов месец беше прикажан на филмските фестивали во Бари, Белград и Софија, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот неодамна беше награден на фестивалот Фантаспорто во Португалија, а светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио.
Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги играат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски.
Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор.