Четири дена велешани дишат високи вредности на ПМ10 честички. Мерните инструменти на Министерството за животна средина измерија високи среднодневни концентрации на ПМ10 честички на 30 март – 182,5 мг/м3, 31 март – 161,4 мг/м3, 1 април – 169,5 мг/м3 и 2 април – 265,9 мг/м3. Со овие вредности беше надминат прагот за алармирање, согласно Законот за квалитетот на воздухот.
Ваквите високи вредности предизвикаа чудење кај граѓаните, бидејќи во тие денови температурите беа високи и немаше греење во домаќинствата. Според Министерството за животна средина, причината биле градежните работи кои се изведуваат близу мерната станица.
„Високите концентрации на суспендирани честички со големина до 10 и 2,5 микрометри (ПМ10 и ПМ2,5), што ги покажува мониторинг станицата ‘Велес 2‘ во дворот на градинката ‘Димче Мирчев‘ во населбата Тунел, не даваат релевантна слика за квалитетот на воздухот во Општина Велес, бидејќи во непосредна близина на станицата се врши реконструкција на дел од улицата Благој Ѓорев, што е директен извор на загадувањето. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина, тие ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи“, соопштија од Министерството.
Оттаму ги известуваат граѓаните кои живеат и се движат во непосредна близина на градежните активности да преземат мерки на лична заштита оти е можна појава на повисоки концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички.
„Се препорачува на Општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме, да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата, со цел постојано да биде влажна“, додаваат од Министерството.
И пред две недели, на 19 и 20 март, инструментите измерија многу високи вредности на ПМ10 честички во воздухот во Велес.
П. ПЕЧКОВ