НИ ОКУПАТОРИ НЕ УПАТУВААТ ТАКВИ БАРАЊА КАКО БУГАРИЈА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ

    НИ ОКУПАТОРИ НЕ УПАТУВААТ ТАКВИ БАРАЊА КАКО БУГАРИЈА, КАЖА ПЕНДАРОВСКИВо 21. век е апсолутно непримерно да се бара, да се мешаат во внатрешната политика и внатрешните политички и уставни процеси, вели претседателот Пендаровски. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски вели дека барањето на Бугарија да учествува во процесот на носење на измените на македонскиот Устав е скандалозно и дека такви барања не упатуваат ни окупатори.

    „Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ни окупаторите на земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21. век е апсолутно непримерно да се бара, да се мешаат во внатрешната политика и внатрешните политички и уставни процеси. Во таа смисла, нашиот одговор на МНР беше на место“, изјави претседателот Пендаровски по денешната конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ што се одржува под негово покровителство.

    Македонското Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека не постои ниту можност, ниту политичка волја за вклучување на Бугарија во процесот на уставни промени поврзани со пристапните преговори за членство во Европската унија.

    Овој став на македонското МНР дојде откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков претходно изјави дека Бугарија сака да биде консултирана за уставните измени и дека тоа веќе му го соопштил и на неговиот македонски колега Бујар Османи.

    „Колку што знаеме веќе има некои опции за идни текстови кои се дискутираат таму, а биле прифатени како можни промени на уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено. Би сакале да се консултираме за овие прашања“, кажа Милков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира